Грчкиот премиер Алексис Ципрас прогласи тридневна жалост во Грција, откако најмалку 54 лица ги загубија животите, над 150 се повредени во силните пожари што ја зафатија околината на грчкиот главен град Атина.
Меѓу жртвите има и деца. Станува збор за најголемите пожари што ја погодија Грција изминативе десет години.
Шумските пожари избувнаа во западниот и источниот крај на Атина по високите температури, кои беа над 40 Целзуисови степени, и силниот ветер.
Пожарникарите соопштија дека имало и над 150 повредени, некои од нив потешко и оти може бројот на жртвите да биде поголем.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја прекина посетата на Босна и Херцеговина и се врати во земјата, при што побара помош од Европската Унија и војската.