Изгласан новиот состав на ДИК и законите договорени на лидерската средба
Собранието попладнево без образложение и расправа ги избра новиот состав на Државната изборна комисија – ДИК и измените на законите кои беа договрени на лидерската средба во понеделникот.
Членовите на ДИК беа избрани со 100 гласа „за“ без ниту еден пријавен за збор.
Претседател на Комисијата ќе биде Оливер Дерковски од ВМРО-ДПМНЕ, а потпретседател Дитмире Шеху од ДУИ. Во комисијата членуваат Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ, Борис Кондарко, Јанакие Витановски и Радица Ристевска од СДСМ; Енвер Салиу од Беса.
Со 99 гласа „за“ и без пријавени пратеници за дискусија беа изгласани измените на Изборниот законик, на Законот за Влада и Законот за финансирање на политички партии.
Во Изборниот законик измените се однесуваат на делот за финансирањето на политичките партии, во Законот за финансирање на партиите има намалување на сумите кои можат да ги донираат физички и правни лица на партиите. Во Законот за Влада пратениците донесоа одлука измените да бидат во делот на предизборниот период каде ќе се избира техничка влада според пржинскиот договор, меѓу пратениците од опозицијата и власта.