Животните во Зоо Скопје го претчувствувале катастрофалниот земјотрес
Скопската Зоолошка градина на Фејсбук објави статус со кој се раскажува како реагирале животните пред катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени.
Зоолошка градина Скопје се сеќава!
Пред земјотресот Зоолошката градина била богата со разновидни животни. Се влегувало од стариот влез кој се наоѓа спроти бараките на Град Скопје.
За време на поплавите во 1962 година, претрпела огромна штета, но никој не знаел дека следува уште покатастрофален удар. Петочна вечер, 26 јули, убава мирна ноќ со чисто небо, без ниту едно облаче. Околу полноќ се слушнале гласовите на животните. Почнале да викаат необично силно.
Први почнале да завиваат динго кучето и бернандринецот, потоа им се придружиле и другите животни. Последен се јавил нилскиот коњ. Низ Зоолошката се растрчале и глувци, излегле од своите дупки и во групи бегале.
Напнато било во сите живеалишта, сите животни биле вознемирени се до 05:17, кога од земјината утроба се слушнал татнеж кој беше катастрофален за градот и Зоолошката градина Скопје.
СЛАВА ИМ, на сите животни кои настрадаа во земјотресот. НИКОГАШ ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ, стои во статусот на Зоо Скопје.
https://www.facebook.com/ZooSkopje/photos/a.976636172486979.1073741828.972410982909498/1068980559919206/?type=3&theater