Измените во Законот за финансирање на политичките партии донесе повеќе пари за партиите кои ќе се црпат од буџетот на државата.
По трите лидерски средби партиите не се договорија за референдумот, но беа сложни ставката за финансирање да се покачи од 0,06 на 0,15 отсто. На годишно ниво, политичките партии ќе добиваат по 4,5 милиони евра, ако се земат во предвид моменталните вкупни изворни приходи на државата. Измените на закониот по итна постапка, без амандмани и дискусија беа донесени за помалку од половина час со 101 глас „за“.
„Овие средства партиите ќе можат да ги користат за остварување на своите цели утврдени со закон, статут и други акти на партијата“, пишува во новиот Закон за финансирање на партии.
За сметка на зголемените средства кои ќе се добиваат од државата, се намалува дозволената сума која политичките партии можат да ја добиваат како донација од физички и правни лица.
Со старото законско решение, ако во предвид се земе просечната нето плата од мај 2018, правните лица ќе можеа да донираат 150 просечни нето плати, односно 3,676,350 денари. Со новиот закон, дозволено им е донациите да изнесуваат максимум 1,470,540 денари. Слично е и со физичките лица. Едно физичко лице може да донира максимум 735,270 денари, што е за половина помалку со донациите кои можеа да се прават согласно претходното законско решение.
Специјалното јавно обвинителство водеше истрага за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, но не поднесе обвинение поради истекот на рокот. Според СЈО, за шест години, на контото на сега опозициската партија, легнале 5 милиони евра.