Катругалос за МИА: „Со договорот од Преспа почнува нова ера на Балканот“
За перспективите што ги отвора Договорот од Преспа, за идната соработка меѓу Скопје и Атина, за реакциите во Грција и резултатите од истражувањата на јавното мислење, говори меѓу другото, алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос во интервју за МИА.
Катругалос во разговор со дописничката на МИА од Атина, вели дека со решението меѓу двете земји се отвора нова ера на Балканот, најавува дека наскоро авионското поврзување на Атина и Скопје ќе биде реалност, користејќи го неговото знаење како професор по уставно право вели дека Договорот од Преспа не остава простор во иднина одново да се преговара и изразува убеденост дека грчкиот парламент ќе даде зелено светло кога ратификацијата ќе се најде на дневен ред.
Господине министре, која е пораката што ја испраќа Договорот од Преспа, како до народите на двете земји, така и до ЕУ и регионот?
– Пораката што ја испраќа Договорот од Преспа е дека разликите меѓу државите треба да се решаваат со дијалог, а не со неплодна националистички конфронтација, што се води од внатрешно политички причини. Исто така, дека кога постои волја и желба можат да се направат големи чекори и да се решат спорови кои ги измачуваат не само двете држави, туку и поширокиот регион. Двајцата премиери, Ципрас и Заев покажаа дека и покрај било која политичка цена беа подготвени да одат напред за националниот интерес и на двете земји.
Што се однесуваат на вашите надлежности, какви перспективи отвора Договорот? Постојат некои конкретни проекти што набргу ќе се најдат на маса? Кога би можеле да го очекуваме да почне авио поврзувањето Атина – Скопје и отворањето на граничниот премин Преспа?
– Овој историски Договор, од една страна политички го стабилизира доста измачениот регион на Балканот, а од друга страна отвора нови хоризонти на економска соработка и развој. Веќе од надлежните министерства на нашите земји се разгледуваат предлози за имплементација на инфраструктурни погранични проекти, преку програмата Intereg. Авионското поврзување на Атина и Скопје мислам дека многу брзо ќе биде реалност, додека пак за граничниот премин кај Преспа ќе имаме новости во следниот период.
Како надлежен министер за европски прашања, сте во постојан контакт со вашите колеги од Европа. Што тие велат за Договорот?
– Сите европски држави и европските институции топло го поздравија договорот, бидејќи признаваат дека на најдобриот њин-њин начин се реши едно прашање што ја измачуваше речиси три децении европската политичка сцена. Сите признаваме дека по Договорот од Преспа но и со претстојниот договор меѓу Грција и Албанија, започнува една нова ера на Балканот. Период на мирна соработка што ќе донесе само придобивки за граѓаните на сите држави од балканскиот полуостров. Но, Договорот, не е важен само за нашето „соседство“. Во период кога во Европа кулминираат феномени на ксенофобија и шовинизам, нашите две земји испраќаат една позитивна порака на помирување и мирен соживот.
Грција сите овие години ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан. Како Атина, во пракса би можела да му помогне на Скопје на патот кон ЕУ?
– Патот за интеграција на Западен Балкан во Европската унија ќе биде тежок и доста трнлив, но е отворен, а Грција презеде конкретни иницијативи. Прво, со особено голем интерес ги поддржавме перспективите на нашите соседи, а посебно на вашата земја на Советот на европските лидери и на министрите за надворешни работи. Потоа, ќе ја обезбедиме неопходната техничка помош за реформите кои што се предуслов за интеграција. Грција, како најстара членка на ЕУ на Балканот, има техничко знаење (know-how) и може да им помогне на сите земји кандидати на патот кон членството. Во секој случај, доколку од нас се побара и дополнителна помош, подготвени сме да помогнеме каде што ќе биде потребно.
Како ги коментирате истражувањата на јавното мислење, според кои, голем процент од Грците се против Договорот? Зошто, според вашето мислење, реагира народот? Можеби не беше доволно подготвен за Договорот? Што, вие, како влада би можеле да направите за подобрување на климата?
– Националистичките сили и во двете земји не сакаа решение, бидејќи се хранат од континуитетот на спорот. Секако, сфаќам дека многу обични луѓе, многу патриоти се против договорот, некои поради недостаток на информации, други од емоционални реакции. Ние како влада одлучивме да продолжиме кон Договорот од Преспа и покрај било каква политичка цена, бидејќи веруваме дека тоа ќе биде од корист за грчкиот народ, но и за народот од соседната земја. На секој чекор сé до финализирањето на договорот, должни сме, колку е можно подобро да ги информираме нашите народи за да се ограничат реакциите.
Ќе помине договорот во грчкиот парламент? Со Независни Грци што ќе се случи?
– Оценувам дека историскиот Договор од Преспа ќе помине со големо мнозинство во парламентот. Не само поради тоа што целосно одговара, туку и повеќе од потребното, ја покрива грчката национална линија како што беше формирана од 2007, ако не и од 1995.
Некои од Нова демократија велат дека партијата, доколку дојде на власт ќе се стреми кон одново преговарање за договорот. Вие како правник, професор по право и експерт по уставно право, знаете подобро од било кој друг, Договорот остава таква можност?
– По потпишувањето на договорот постојат два патишта, ратификација или отфрлање. Периодот на преговори заврши. Во Нова демократија, за жал постојат гласови кои изразуваат екстремно десничарска реторика и овие гласови ги поддржува, барем во внатрешноста и раководството на опозициската партија. Но, дури и самиот господин Мицотакис, неодамна за голем германски весник изјави дека доколку се ратификува договорот во парламентот, тогаш ако Нова демократија стане влада, нема да го оспори.
Каква порака би испратиле на граѓаните на соседната земја?
– Сакаме да бидеме не само соседи, туку и пријатели и соработници. Ништо не нѐ разделува, а имаме многу да добиеме. Грција се стреми да биде фактор на стабилност во регионот и посакува да има одлични односи со сите соседни држави, особено со вашата. Од моментот кога договорот ќе биде целосно имплементиран, тогаш ќе бидат видливи, не само политичките и економските придобивки, туку и уште поголемото приближување на нашите народи, особено на нашите млади луѓе