Анализа: Фејсбук користат 23 министри во Владата, 14 се активни на Твитер и Инстраграм
Дваесет и три од вкупно 26 министри во Владата на Република Македонија активно користат Фејсбук, што е зголемување за тројца кои се активни на оваа мрежа, покажуваат податоците од втората годишна Анализа направена во периодот од 23 до 28 јули 2018 година.
Анализата и оваа година покажува дека поголемиот број на членовите на владиниот кабинет и нивните тимови секојдневно објавуваат содржини за своите активности на Фејсбук и имаат отворени профили или страни на кои можат граѓаните да им пишат јавно или, пак, во приватна порака. Повеќе од половината од министрите имаат истовремено свој профил, но и страна на овој социјален медиум.
Зголемување е забележано кај Твитер кој годинава го користат 14 членови на Владата, а исто толку се присутни и на Инстаграм. Според анализата, лани Твитер користеле осум министри, додека вкупно 10 биле активни и на Инстаграм.
Премиерот Заев и 10 други министри се активни и имаат свои профили/страни истовремено на Фејсбук, Твитер и Инстаграм, што е за четири повеќе од минатата година. Само двајца членови на Владата, вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот Роберт Поповски, воопшто немаат свои профили/страни на овие социјални медиуми, наспроти лани кога шест министри не биле активни на ниту еден социјален медиум.
– Сите министри е важно да бидат присутни со свои страни или канали на социјалните медиуми, а со цел непосредна и двонасочна комуникација со граѓаните. Во Анализата и оваа година е наведено дека објавите, коментарите и одговорите на прашањата не е потребно директно да ги врши министерот, туку тоа може да го прават нивните онлајн тимови, по претходна добиена согласност во име на министерот/ката, вели Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, кој е и автор на истражувањето.
Меѓу заклучоците на анализата е дека со цел вклучување на сите целни групи и целокупната јавност во комуникациската стратегија на Владата, потребно е сите министри да имаат свои активни страни/канали на социјалните медиуми. Се поздравува и податокот дека е прифатена сугестијата од минатогодишната анализа и на веб страната на Владата на видливо место е поставен дел со контакти од страните или каналите на социјалните медиуми на членовите на владиниот кабинет. Препораката е динамиката на објави да биде секојдневна и тоа со најмалку 2-3 објави дневно на сите социјални медиуми.
– На овој начин Владата дополнително ќе ја покаже својата заложба за отчетност и транспарентност, а секој заинтересиран граѓанин кој е активен онлајн ќе има можност да биде запознаен со активностите на министерот/ката, ставовите и иницијативите, како и да има можност да даде свој став, мислење или пак, да изрази поддршка/критика или да даде свој предлог, наведува авторот на анализата.