Што се случува во Реал: Зошто Кралскиот клуб не може да доведе ниту една ѕвезда?

Реал Мадрид има 13 титули првак во Европа. Ниту еден друг клуб, не е ниту близу до вакво феноменално достигнување. Во последните три сезони три пати ја освоија Лигата на шампионите, во последните пет дури четири пати беа европски шампиони. Реал Мадрид е најголемиот и најбогатиот фудбалски клуб на светот. Реал е симбол за гламур и луксуз. Кога си член во Кралскиот клуб, тогаш знаеш дека си го искачил врвот на фудбалскиот Олимп.

 

Гледајќи ги работите од таа перспектива, за очекување е Реал да е во можност да го доведе кој било играч кој ќе го посака. Меѓутоа, работите во реалноста не се одвиваат така.

После освојувањето на третата последователна титула во Лигата на шампионите, Зинедин Зидан, го напушти Реал Мадрид, знаејќи дека на тимот му е потребна темелна реконструкција, бидејќи моменталниот кадар без свежа крв, тешко дека ќе успее да ги повтори нереалните резултати, кои ги оствари на чело со големиот Французин.

„Најдолг период во кој што можеш да се задржиш во еден клуб е три години. Тогаш, мораш или да си заминеш или да доведеш осум нови играчи“, гласи една позната мудра, тренерска изрека.

 

Зидан беше свесен дека такво нешто нема да биде возможно, па си ги спакува своите работи и се збогуваше од клубот и навивачите.

Меѓутоа, Реал не само што не доведе осум играчи, кои со својот квалитет би можеле да ги задоволат кралските стандарди, тие всушност не доведоа ниту една фудбалска ѕвезда, а останаа без најголемата – Кристијано Роналдо.

Реал најпрво тргна во потрага по голман, го пронајде во Лондон, меѓутоа се појавија проблеми. Имено, Тибо Куртоа веќе долго време е на мета на Кралевите, а се водеа и преговори со Челзи, кој на почетокот прифати да го продаде Белгиецот за 32 милиони фунти, но тогаш настанаа проблеми.

Од Челзи порачаа дека нема да можат да го продадат Куртоа, бидејќи не успеваат да пронајдат адекватна замена. Маурисио Сари побара од управата Куртоа да не биде продаден, бидејќи до почетокот на англиското првенство останаа само десет дена, па се чини дека вратата на Перез веќе му е затворена.

Перез сметаше на уште една ѕвезда од Белгија и Челзи, но и во овој случај тој е изиграниот. Реал Мадрид го гледаше Еден Хазард како идеална замена за Роналдо. Белгиецот исто така јасно изрази желба за трансфер на „Бернабеу“, меѓутоа тоа нема да се случи.

„Го сакате Хазард? Нема проблем, но тоа ќе ве чини 220 милиони евра“, порача управата на Челзи.

Тоа е сума која е веројатно преголема и за Перез, па Реал е доведен во ситуација пред самиот почеток на сезоната панично да бара нови играчи, со кои би можел да им конкурира на Барселона за титулата во шпанското првенство.

Од новите имиња кои пристигнаа, овде се бразилскиот талент Јуниор Винисиус, украинскиот голман Андреи Лунин и Алваро Одризола од Сосиедад, но Лунин и Винисиус веројатно ќе бидат испратени на позајмица или ќе бидат дел од младиот тим на „Кралевите“.

Сепак, последните вести од Мадрид велат дека Реал испратил нова понуда во Лондон, на „Стемфорд Бриџ“. Понудата вредна дури 100 милиони евра, се однесува за услугите на Вилијан и Куртоа, од кого Реал очигледно се уште не се откажува.

Се шпекулира и дека Челзи е задоволен со таа сума, меѓутоа и овде последниот збор ќе го имаат Сари, односно Роман Абрамовиќ.

Пополнувањето на празнината, која се создаде со заминувањето на Роналдо, всушност е главниот проблем за Мадриѓаните. На пазарот нема многу играчи кои се способни да постигнат од 40 до 50 голови по сезона, колку што постигнуваше Роналдо во белиот дрес.

Навивачите очекуваа дека Перез нема да се штеди, односно дека во Мадрид ќе пристигне зувчно име од типот на Нејмар, Мбапе или пак Кејн. Веројатно би биле задоволни и со Икарди или Левандовски, но како што стојат работите Лопотеги ќе мора да се снаоѓа со она, со што моментално располага во соблекувалната.

Ситуацијата во Реал моментално не е добра и не најавува успешна сезона за Кралевите, освен ако до крајот на трансфер периодот не се случи некое огромно изненадување, па некоја голема ѕвезда да го облече дресот на актуелниот Европски првак.

Треба да знаете
Последни објави