Време за историски одлуки, а не за бегање од одговорноста, според власта ќе биде распишаниот референдум на 30 септември на кој граѓаните ќе треба да се изјаснат на прашањето: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?
За опозицијата, пак, договорот е штетен и капитулантски, а распишаниот референдум без нивна согласност е самоволие на парламентарното мнозинство.
Премиерот Зоран Заев вчера ги повика граѓаните на Република Македонија да излезат на референдумот, распишан за 30 септември, велејќи дека сега е моментот секој граѓанин на земјата да ја преземе одговорноста за иднината.
Нагласи оти граѓаните не смеат да дозволат никој да ги поколеба да илезат и да го кажат своето мислење за Договорот од Преспа и за влезот на земјата во ЕУ и НАТО и додаде дека Владата ќе го почитува исходот од демократскиот избор, без разлика на резултатот.
Заев им се обрати и на како што рече сите чесни членови на ВМРО-ДПМНЕ да ја сфатат важноста на моментот и им порача дека вратата е отворена.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ е првата партија која се залагала граѓаните да се изјаснат за промена на името на референдум и затоа, Заев смета дека опозицијата нема намера да повика на бојкот.
– Ако граѓаните заклучат дека прашањето им е тешко дека не се доволно информирани може да донесат одлука да останат дома, без разлика на политичките партии. Тоа овој пат не е дозволиво. Во таков случај тие ја пренесуваат одлуката на институциите. Тоа го кажувам така заради тоа што со сите правници и релевантни фактори во државата и сите што го толкуваат Уставот и законот тоа всушност значи така. Но, не сакам да зборувам што ако, тоа влијае кај граѓаните, рече Заев.
Според него, успешност на одлуката која што ја носат граѓаните на референдум согласно Уставот е ако излезат над половина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.
– Убеден сум дека ќе успее референдумот, а потоа ние политичарите ќе го послушаме нашиот народ кој не избрал и ќе ги спроведеме одлуките соодветно на надлежностите кои ги имаме, порача Заев.
Кампањата за рефрендумот, според најавата од претседателот на Собранието Талат Џафери, ќе почне на 10 септември.
Иако предлагачи на одлуката се пратениците, Џафери вели дека во кампањата за референдумот би можеле да учествуваат политичките партии, невладиниот сектор, но и Владата, па дури и Собранието. Според него, и тие што ќе се определат да не учествуваат на референдумот, ќе имаат некаква кампања.
Џафери предупредува дека сите учесници во кампањата треба да се водат од општите интереси на граѓаните, а не од поединечните.
– Веќе три децении граѓаните на РМ без разлика на нивната етничка и верска припадност, во речиси 80 отсто, се за интегративниот процес на Република Македонија и во тој контекст очекувам да се зголеми излезноста на гласањето за референдумското прашање. Во принцип секогаш сум оптимист и им верувам на граѓаните дека ја сфатија пораката и потребата за референдумот и ќе ја искажат нивната определба да бидат дел од ЕУ и НАТО, рече вчера Џафери.
Поставеноста на референдумот во однос на консултативниот карактер, е работа предлагачите, додаде Џафери, кој е потписник на иницијативата.
Тој информираше дека Законот за ратификација на Договoрот со Грција во Службен весник ќе биде објавен по референдумот, иако претходно се имаше друго мислење во врска со ова прашање.
– Имајќи ги предвид сите околности кои се однесуваат на процесот на референдумот не би сакал сега Собранието да се постави како кочничар, или како институција која ќе делува спротивно на она што го изјавуваме дека сме фокусирани на постапката за референдумот. Откако ќе заврши референдумот ние ќе можеме да постапиме по сите овие прашања и да ја спроведеме волјата на мнозинството, впрочем тоа е и волјата на мнозинството на граѓани кои не избраа, рече Џафери.
Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, на својот профил на Твитер ја поздрави одлуката на Собранието да го одржи референдумот за Договорот со Грција на 30 септември и ги повика граѓаните да излезат и да ја искажат својата војла.
– ЕУ го поддржува овој договор и неговата имплементација како симбол на помирување и добрососедски односи во регионот. Ги повикувам сите граѓани на Македонија да го искористат своето демократско право на глас. Се работи за нивната земја и нивната иднина, напиша Хан.
Во контекст на реферeндумот и Договорот со Грција од денеска во тридневна посета на Македонија е вршителот на должност заменик – помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер.
Палмер ќе се сретне со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев, со лидери на политички партии и со официјални претставници на локалните власти надвор од Скопје, а ќе учествува на прославата на Илинден во Крушево.