Зголемен број повици во Брза помош и мозочни удари
Зголемен број повици во врска со нарушеното здравје на хронично болни, зголемен крвен притисок, главоболки, вртоглавици, малаксаност, недефинирани состојби регистрирала деновиве Итната медицинска помош во Скопје, од каде посочуваат дека тоа е вообичаено кога има ваква промена на времето, притисокот и влажноста на воздухот.
– Сто и дваесет повици дневно се регистрираат во Итната медицинска помош од кои 95 се извршени на терен, а на останатите им е даден совет преку телефон, за да ја земат терапијата што им е препишана и да се упатат на матичен лекар. Зголемен е бројот на мозочни удари, изјави за МИА, доктор Весна Неделковска, шеф на смена во Итната медицинска помош во Скопје.
Таа посочи дека луѓето кои имаат психички проблеми се поподложни на промената на времето и додаде дека во ИМП имаат повеќе повици за транспорт до психијатриски установи.
– На тие луѓе едноставно им се понагласени психичките проблеми и често се обраќаат во Итната помош, рече д-р Неделковска.
Таа нагласи дека пред 20-тина години направиле студија за влијанието на промената на температурата врз здравјето на луѓето.
– Но, сега има и голема влажност на воздухот, влијае воздушниот притисок, а важно е и дали има ветрови во делови од денот, месечеви мени и сето тоа заедно влијае во одреден период да имаме поголеми или помал број повици. Имаме свои истражувања поврзани со временските промени, имаме два, три труда обавени на таа тема објавени од наши колеги. Докажано е и во светски и во наши рамки дека промената на времето и воздушниот притисок има огромно влијание врз здравјето на човекот, рече д-р Неделковска.
Таа препорача при вакви временски промени луѓето, особено хронично болните, доколку немаат итна потреба да не се изложуваат на физички напор, да ги намалат дневните активности, да ја земаат неопходната терапија и да земат нешто за смирување.
– Не треба да се зголемуваат своите физички активности во смисла на некое подолго пешачење, во смисла на качување на Водно, да имаат активности во рамките на нивните можности. Треба да се внесува полесна храна и да се пие многу вода. Тие што планираат да патуваат треба да поаѓаат во раните утрински или вечерни часови во одморена состојба и често да прават пауза, додаде д-р Неделковска.
Според најавите на синоптичарите, од утре ќе има стабилизирање на временските услови, а од понеделник повиски температури кои ќе достигнат и до 37 степени.