Поминаа седум години од оригиналното објавување на текстот на Press online за последиците од распаѓањето на Југославија и проекциите за тоа каков ќе беше животот во конфедеративна Југославија.
Југоносталгијата на овие простори е жива како и секогаш и овој текст почна активно да се реобјавува на регионалните портали, најверојатно како реакција на актуелните политички превирања во регионот и кај нас. За потсетување, ова беа проекциите на економистите за „велесилата Југославија“.
Просечна плата од 736 евра
Да не се распаднеше СФРЈ пред повеќе од 20 години, денес ќе живеевме во конфедеративна Југославија која одамна ќе беше членка на НАТО и ЕУ. Стандардот ќе ни беше неспоредливо подобар, со просечна плата од околу 740 евра. Ќе бевме пред Грција, а во поглед на земјоделие, зад нас ќе беа и развиените земји како Австрија.
Демографите проценуваат дека денешна Југославија ќе имаше околу 22,5 милиони жители, што ќе претставуваше респектабилен пазар во европски размери. Ќе добивавме значителна помош од меѓународните финансиски организации, ќе имавме одличен кредитен рејтинг, а гласот и мислењето на земјата ќе беа релевантни и почитувани на сите европски и светски форуми.
Каде е Македонија на листата „губитници“?
БДП на ниво на сите земји од поранешна СФРЈ пред седум години изнесуваше околу 280 милијарди евра, а да останевме една држава ќе изнесуваше 360 милијарди евра.
За сите држави што се формираа на подрачјето на некогашна Југославија има точни податоци за загубите од распаѓањето, освен за Црна Гора. Србија е најголем губитник – изгуби дури 400 милијарди евра, според српските економисти.
Тоа е повеќе од загубата на сите поранешни југословенски републики заедно – Словенија (8,4 милијарди евра), Македонија (20,8), Хрватсска (10,4) и БиХ (150,1).
Ќе имавме значително поголема заработка, повеќе вработени, значително помалку невработени, поголемо ниво на производство, извоз и повисок БДП.
Само Македонија има помала заработка од Србија, додека Словенија и Хрватска имаат поголем фонд на исплатена заработка, иако имаат значително помал број на жители и вработени во споредба со Србија.