Јавното обвинителство ќе истражува криминал во тендерите на Министерството за здравство
Јавното обвинителство го истражува тендерот за реагенси распишан од министерот Филипче тежок 35 милиони евра и како е извршена набавка на лекови без тендерска постапка. Од обвинителството соопштија дека отвориле предистражна постапка по допрен глас заради постоење индиции за неправилности.
– Предметот се однесува на постапката за јавна набавка за биореагенси и тестови на крв во износ од 35 милиони евра и за набавка на лекови од веледрогерија за потребите на јавните здравствени установи без тендерска постапка во износ од 24,6 милиони денари, се вели во соопштението од ОЈО.
Министерот за здравство тврди дека се било законски.
– ОЈО може да ги истражи сите постапки во министерството за здравство. Се е во согласност со законот, вели во пишана изјава за Сител министерот Венко Филипче.
Инаку по бурните реакции во јавноста министерот прво ја стопираше постапката, а на 3 месецов го поништи скандалозниот тендер од 35 милиони евра за кој понуда доставила само една странска компанија преку македонска фирма како подизведувач формирана пред 4 месеци. Образложението од здравство беше дека немале комплетна документација.