Лика го бојкотира одбележувањето на Рамковниот
Вицепремиерот за Рамковниот договор Хазби Лика денеска не присуствуваше на одбележувањето на годишнината од Рамковниот. Ова е првпат вицепремиер за Рамковен да не присуствува на годишнина од потпишувањето на документот откако пред 17 години паравоената ОНА се трансформира во политичката партија ДУИ.
Лика иако уредно поканет не дојде на трибината „Патот до Брисел преку Охрид“, која се одржа по повод одбележувањето 17 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и на која се обратија премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Првпат организатор на годишнината од Рамковниот е Секретаријатот за европски прашања, наместо Секретаријатот за Рамковен договор, што во јавноста се протолкува дека вицепремиерот Бујар Османи му ја украде прославата на Рамковниот на вицепремиерот Хазби Лика.
И додека Лика не дојде да ги слушне Заев и Ахмети, на одбележувањето беше поранешниот вицепремиер Муса Џафери, како и речиси сите министри од ДУИ.
Од Владата потврдија дека Лика бил уредно поканет на одбележувањето на годишнината.
И покрај обидите не успеавме да добиеме став од вицепремиерот Лика зошто ја бојкотира прославата.
Впечатливо е да се напомене дека Лика сѐ додека не седна во вицепремиерската фотелја важеше за најголем бунтовник и критичар кога станува збор за спроведувањето на Рамковниот договор и дека честопати влегуваше во конфликт со најтесното партиско раководство на ДУИ, особено за решавање на статусот на поранешните припадници на ОНА, прашање кое ДУИ не успеа да го реализира и по 17 години.
Плусинфо неодамна објави дека се заладени односите помеѓу вицепремиерот Лика и лидерот на ДУИ Ахмети и дека при неодамнешната реконструкција на Владата во игра беше смена на Лика.
Дел медиуми информираа дека Лика токму поради кавгата со Ахмети ретко се појавува на работното место. Неофицијално, несогласувањата на најблиските соработници, а во 2001 година соборци, Ахмети и Лика е поради кадровската политика која ја води вицепремиерот, односно дека вработувал свои блиски луѓе.