Нови “фантом гласачи” во Избирачкиот Список
„Враќањето на фантомите“. Со ваков филмски наслов невладината „Цивил“ деновиве ја отслика, за жал, реалната состојба со Избирачкиот список откако повеќе граѓани реагираа дека лица што биле уредно пријавени во ДИК и во МВР и избришани од списокот за време на парламентарните избори 2016 година, повторно се вратени на истите адреси.
Двојни адреси на исто живеалиште, со различни станари, од кои едни реално постојат, а други се виртуелни… Починати лица што со години се појавуваат, па исчезнуваат, за повторно да се појават на денот на гласањето во Избирачкиот список… Сè се тоа проблеми со кои постојано се соочува Избирачкиот список и кои допрва, како што велат познавачите, ќе излегуваат повторно на површина како ќе се приближува референдумот за договорот со Грција кој ќе се одржи на 30 септември.
Додека во 2016 година непрочистениот список беше причина за одложување на парламентарните избори на 11 декември, на локалните избори минатата година по голем притисок од јавноста беа исчистени некои нерегуларности така што првпат ниту една политичка партија не ги оспори податоците во Избирачкиот список. Сега молчат, откако по жестоки расправии донесоа измени на Изборниот законик, кои, очигледно, не донесоа резултати.
Со измените списокот веќе неколку години комплетно е во надлежност на ДИК, а неговата точност зависи од податоците кои ги доставуваат надлежните институции, а во прв ред МВР. Едни велат дека моменталната состојба е последица од немањето на функционален систем со прецизни процедури и алоцирани одговорности, што остава можност за злоупотреби, други, пак, поголемиот дел од вината ја ставаат на контото на неагилноста на ДИК.
„Ова веќе станува дегутантно. Истото се повторува пред секој изборен процес, сега пред референдумот, а наредната година во март следуваат и претседателски избори“, револтирано реагира експретседателот на ДИК, Александар Новаковски, кој раководеше со оваа институција до 2011 година.
Според него, порано во ДИК имале проблем со кадровската екипираност, но сега таа, како што вели, ги има сите услови да ја заврши операцијата на прочистување на списокот онака како што треба.
„За разлика од времето кога јас бев претседател, сега оваа институција има служба која е на ниво на едно од поголемите министерства. Во 34 подрачни единици кои беа преземени од Министерството за правда се вработени над 100 лица. Од врата на врата да одеа во секоја подрачна единица за овие неколку години сигурно ќе имаше резултат. Нема кој друг, според законот, да е одговорен за списокот, а институциите чии евиденции помагаат во процесот се должни да соработуваат. Ако има проблем со некоја од нив, тоа треба јавно да се каже“, вели Новаковски.
Во февруари 2016 година ДИК изготви Правилник за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење податоци во Избирачкиот список, како и постапка за спроведување теренска проверка заради негово ажурирање, но се јавија низа проблеми во реализацијата на мерките утврдени со нормативните акти, како што беше нотирано и во извештајот на невладината организација „Транспаренси“.
И покрај утврдената динамика, Избирачкиот список не беше соодветно ажуриран, а меѓународната заедница ја поддржа одлуката на опозицијата за одложување на закажаните предвремени избори сè додека не се создадат оптимални услови за нивно одржување. Јавноста остана без соодветен одговор за причините зошто вкрстувањето на податоците со базите на податоци на десетина институции и спроведувањето теренска проверка не го дадоа очекуваниот резултат. Проверката во која учествуваа и странски експерти финишираше со објавени имињата на вкупно 39.502 гласачи кои се сметаат за спорни во Избирачкиот список и кои требаше да се јават во ДИК, во спротивно ќе бидат избришани од списокот. Од друга страна, новиот список на спорни гласачи предизвика многу реакции во јавноста затоа што во него беа впишани и многубројни јавни личности кои тврдеа дека дваесетина години гласаат на исто избирачко место.
„Обидот заврши со целосно фијаско. Избришаа погрешни луѓе, а тие што требаше не ги избришаа“, констатира Новаковски, кој прогнозираше и погоди дека овој процес на прочистување на крајот ќе заврши со политички компромис, односно со заклучок дека списокот е добар.
Во 2014 година, како што беше објавено, бројот на гласачи изнесуваше 1.779.500, во 2016 година за парламентарните избори 1.784.524 избирачи, а лани, за локалните избори 1.814.644 гласачи, податоци кои покажуваат раст на списокот. Неодамна претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, рече дека бројката од 1,8 милион гласачи е реална. Со тоа не се согласува Џабир Дерала од невладината „Цивил“. Според него, проценките на релевантни експерти говорат дека во Македонија нема повеќе од 1,6 милион жители вкупно, сосе новородените бебиња.
„Бројката на фантоми и починати во Избирачкиот список не се знае, а веројатно и не може да се дознае со оглед на лошата состојба на овој документ. Кога би се дознала таа бројка, ќе бидеме на половина пат и да го прочистиме Избирачкиот список“, вели Дерала, кој вчера ја обвини ДИК за ароганција бидејќи граѓаните што пријавуваат неправилности ги препраќа во МВР.
Избришани 59 починати лица
Шеесетина лица од општините Кисела Вода, Студеничани, Сопшите и Зелениково ќе бидат избришани од Избирачкиот список. Како што беше објавено, станува збор за починати лица за кои се донесени изводи од умрените од страна на месните канцеларии на Управата за матична евиденција откако почна јавниот увид за референдумот на 30 септември. Освен по основ на смрт, бришење од Избирачкиот список може да има и по основ на државјанство, но во првите три дена од увидот барање за бришење по основ на државјанство немало во ниту една канцеларија на ДИК. Подрачните канцеларии на ДИК редовно од МВР добиваат информации за тоа колку лица има со поништено живеалиште во општините што ги покриваат. Во четирите општини што ги покрива подрачната канцеларија на ДИК во Кисела Вода во изминатиот период, според податоците на МВР, има 650 лица со поништено живеалиште, но досега ниту едно од нив не се обратиле во канцеларијата.