Протест со зурли и тапани пред Судот, пристигнаа Чавков и Дурловски
Со зурли и тапани стотина граѓани пред Кривичниот суд им изразија поддршка на поранешниот директор на БЈБ Митко Чавков, со кого во судот влезе и оперскиот пеач Игор Дурловси, за коишто денеска ќе се одржи првото рочиште за насилствата во Собранието од 27 април лани.
Судот е под силно полициско обезбедување, а присутните пејат македонски песни и визвикуваат „Европа мафија“ и „НАТО фашисти“.
Меѓу поддржувачите се и Бате Геле, Сотир Костов и Иванка Василевска, поддржувачи на иницијативата „За заедничка Македонија“. Насобраните извикуваат дека тие се етнички Македонци а за знамето на Вергина велат дека е македонското знаме.
Единаесет од обвинетите се во притвор, 13 во домашен притвор, а осуммина имаат изречени мерки за претпазливост.
За терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста им се суди на ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков и на петте пратеници на ВМРО-ДПМНЕ: Крсто Мукоски, Љубен Аранудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски и Љупчо Димовски.
Обвинети се и Горан Ѓошевски, личното обезбедување на тогашниот претседавач на Собранието, Трајко Вељановски, разрешениот ексначалник во МВР, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, вработен во Агенцијата за разузнавање, собранискиот обезбедувач Абдулфета Аљими, претседателот на патриотското здружение „Пере Тошев“ од Прилеп, началникот во МВР, Душко Лазаров, Митко Пешов, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Александар Василевски-Нинџа.
На обвинителната клупа ќе седнат и оперскиот пејач Игор Дурловски, твитерџијата Богдан Илиевски, режисерот Борис Дамовски, актерот Владо Јовановски, а ќе им се суди и на двајцата вработени во УБК кои ги одзедоа хард дисковите со снимките од надзорните камери, Оливер Радулов и Сашо Марковски.
Вкупно обвинети за крвавиот четврток во Собранието се 30 лица од кои 28 за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од чл.313 од Кривичниот законик, а две лица за помагање при вршење на истото кривично дело.
Според ЈОРМ, со обвинителниот акт се опфатени три лица, припадници на структурите на Министерството за внатрешни работи, кои како овластени службени лица биле носители на „златна“ и „сребрена“ команда, како и лица кои биле учесници во друга група, како организатори на движењето „За заедничка Македонија“.
Предметот го води судијката од организиран криминал Добрила Кацарска, а веќе се закажани 37 термини за главна расправа.