Обвинителката Вилма Русковска од Обвинителството за организиран криминал и корупција рече дека приговорите на адвокатот Донче Наков, кој брани четворица обвинети, се замајување на јавноста бидејќи, како што рече, во законскиот рок е дадена можноста за увид во сите предложени докази на обвинителството.
Русковска рече дека адвокатите имале законска можност од 15 дена по добивање на известувањето за завршената истрага да направат увид во доказите.
„При увидот колегата воопшто не спомна ниеден од приговорите на кои сега се жали”, рече Русковска. Судијката Кацарска рече дека адвокатите имале можност цело време, но никој од адвокатите не побарал увид пред таа да замине на годишен одмор. „Првиот ден кога тргнав на одмор побаравте увид и ви беше овозможен“, рече судијката.
Во кривичниот суд во Скопје денеска почна судењето на 33 обвинети за настаните од крвавиот четврток во 2017 година. Во најголемата судница на судот се присутни сите обвинети заедно со нивните адвокати, членови на нивните семејства, како и новинари од сите медиумски куќи.