Собранието ќе формира координативно тело за спроведување на референдумот. Ваков заклучок беше донесен на денешната редовна координација во Собранието, на која присуствуваа претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери, неговите потпретседатели и координаторите на пратеничките групи.
Со координативното тело ќе раководи претседателот Џафери, а ќе членуваат потпретседателите и координаторите. Собранието извести дека ќе им даде можност на сите пратеници кои се „за“, „против“ или „бојкот“ на референдумот, пропорционално, според изјаснувањето, да бидат застапени и да можат да ги изразат пред јавноста своите ставови и аргументи.
Собранието со допис ќе се обрати до Владата за обезбедување финансиски средства за спроведување на јавната кампања, а за оваа намена ќе биде отворена посебна сметка.
И на денешната редовна координација не присуствуваше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Собранието соопшти дека претседателот Талат Џафери денеска ќе контактира со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за постигнување можен договор за водењето јавна пропаганда.