„Го сакам Водно“ не го прифаќа планот на Владата – Да за гасовод, но не преку Водно
Да за гасовод, но не преку Водно. Екоактивистите не го сменија ставот ниту откако Владата објави дека се направени измени на проектот. За граѓанската иницијатива “Го сакам Водно”, измените се само „шминка“, а како лажна ја оценија информацијата дека трасата е скратена.
Од Владата вчера најавија дека проектот ќе претрпи измени со цел минимално загрозување на животната средина и дека тој е изработен во соработка со екоактивистите. Тие, пак, од пред Владата побараа нова студија за влијанието на гасоводот врз животната средина. Од граѓанската иницијатива не инсистираат трасата да минува низ Скопска Црна Гора, како што рече директорот на Македонски енергетски ресурси, туку бараат да се најде алтернативна траса.
Од граѓанската иницијатива не веруваат на тврдењата на владините преставници дека теренот ќе се врати во првобитна состојба и дека после неколку месеци нема да се препознае местото каде поминува гасоводот. Најавија дека ќе чекаат Министерството за транспорт и врски да издаде дозвола за градба за гасоводната делница, по што, како што рекоа, веднаш ќе ја оспорат.