Силите на НАТО не може да се споредат со распоредените руски сили, соопштија од НАТО и му одговорија на Владимир Путин кој што обвини дека силите на Алијансата во источна Европа претставуваат закана за Русија.
НАТО ја разместува својата воена инфраструктура во близина на руските граници и поради тоа Русија треба да ја зајакне својата инфраструктура, порача рускиот претседател во текот на вчерашниот ден.
Претседателот на Русија, меѓу другото се пожали и додаде дека НАТО одбива да расправа за правилата за воените летови.
„Дејствијата на НАТО се дефанзивни, пропорционални и целосно согласни со нашите меѓународни обврски“, изјави портпаролката на најмоќниот воен сојуз на светот, Оана Лунгеску, пренесува британска новинска агенција.
„НАТО Алијансата има разместено 4 илјади војници во источните делови на Сојузот, со цел да се обесхрабри било каква можна агресија. Тие постројки не може да се споредат со дивизиите кои што Русија ги има разместено. Спротивно на тоа, Русија има свои сили во Украина, Грузија и Молдавија, спротивно на волјата на владите на тие земји“, порача Лунгеску.
Русија после воената агресија над Украина и Грузија, ги дестабилизраше и распореди свои сили кои што го нарушија територијалниот интегритет и суверенитет на двете земји. Токму поради ваквата агресивна политика на властите од Москва, балтичките земји побараа од НАТО да распореди свои сили, со цел да се превенира слична руска агресија и во нивните земји.
Исто така, од НАТО Алијансата ги отфрлија тврдењата на рускиот претседател дека НАТО одбива да расправа за правилата за воените летови.
„Што се однесува до авијацијата, разговаравме за безбедноста на балтичкиот воздушен простор на состаноците на советот НАТО-Русија“, додаде портпаролката на НАТО