Сугарески во посета на општина Ѓорче Петров
Mинистерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, оствари работна посета на општина Ѓорче Петров, каде што заедно со градоначалникот Александар Наумоски извршија увид во градежните работи за реконструкција на улица 62, во населеното место Кисела Јабука.
Во изјава за медиумите, Сугарески истакна дека централната власт ќе продолжи да биде партнер и поддржувач на општините и ќе продолжи да работи на реализација на капитални проекти кои економски ќе ја зајакнат земјата и ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните.
„За време на средбата со градоначалникот Наумоски разговаравме за проектите што се реализираат во општината со поддршка на Министерството, како и за проекти кои општината ги спроведува самостојно. Поголем дел од разговорот посветивме на локалната инфраструктура и проектот за рехабилитација и реконструкција на општинските патишта што се реализира преку Министерството, а е од клучно значење за жителите на Ѓорче Петров и блиските населени места“, рече министерот за транспорт и врски.
Сугарески во обраќањето истакна дека очекува улицата 62 во Кисела Јабука да биде асфалтирана во следниве неколку дена.
Тој воедно подвлече дека од кредитната линија од ЕИБ, на располагање остануваат околу 12 милиони евра неискористени средства и ги повика сите општини кои сè уште во целост не ги искористиле средствата, што поскоро да изготват проекти и да ги достават до Министерството за транспорт и врски.