Јанева: Повеќе од 20 000 луѓе биле незаконски прислушувани и тоа ќе го докажеме
Повеќе од 20 000 луѓе биле незаконски прислушувани во Република Македонија и тоа ние ќе го докажеме на суд, рече специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, на настан организиран од ОБСЕ.
Таа ова го изјави во контекст на предметот „Тврдина-Таргет“ во кој се обвинети службени лица од УБК дека ја уништиле опремата за да не може да се утврди дека се прислушкувало.
„Во предметот кој уште не е почнат пред судот, имаме многу докази за тоа кој прислушкувал и не може таков предмет да предадеме на Основното јавно обвинителство“, кажа Јанева која истакна дека СЈО постои токму поради тој предмет.
Специјалната јавна обвинителка изрази надеж дека судската постапка за предметот ќе започне во петок, како што е закажано, и рече дека граѓаните тогаш ќе имаат можност да видат како им се злоупотребувале личните права.
Покрај тоа истакна дека СЈО најмногу работи кога не е многу експонирано во јавноста и кажа дека во моментов работат на 130 предистраги.