Поранешниот премиер Никола Груевски не дојде на седницата на Апелациониот суд на која треба да се расправа за неговата жалба за предметот „Тенк“ за набавката на екстралуксузниот „мерцедес“.
Експремиерот дојде на рочиштето за случајот ,,Насилство” во Општина Центар кое во исто време се одржува со седницата во скопска Апелација. Груевски со задоцнување се појави на рочиштето во кривичниот суд.
Адвокатите доставиле поднесоци до Апелациониот суд дека се спречени да присуствуваат на јавната седница на повисокиот суд. Сите адвокати, освен Дончо Наков, го известиле судот дека поради главната расправа во кривичниот суд не може да дојдат во Апелација.
Судијката Цветанка Периќ седницата ја одложи за утре.
Пресудата за Груевски и Ѓоко Поповски е напишана на над 200 страници. Груевски беше осуден на казна од 2 години затвор за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“, а Поповски за злоупотреба на службената положба и овластувањето. За овој предмет за кој е осуден Груевски настапува апсолутна застареност на кривичното дело во октомври годинава доколку нема правосилна пресуда.