Серхио Рамос беше прогласен за најдобар дефанзивец за изминатата сезона во Лигата на шампионите, признание кое му беше доделено на гала вечерта во Монако на која покрај индивидуалните признанија, беше извршена и ждрепката за најновото издание на елитното натпреварување.
Рамос како капитен на Реал истакна дека „кралевите“ ќе дадат се од себе да дојдат и четврти пат во низа до посакуваниот трофеј во Лигата на шампионите, но за време на говорот, не заборави да го „поздрави“ и Кристијано Роналдо кој пред извесно време ги налути своите поранешни соиграчи со својата изјава.
Португалецот порача дека во Јувентус сите работат како едно семејство, изјава со која ги прозва поранешните соиграчи и поранешниот клуб, а за што одговор доби и директно од церемонијата во Монако.
– Да се биде капитен на овој тим е огромна привилегија и уште поголема одговорноста е да се води ваква група. Покрај тоа што сме добри соиграчи и колеги, ние сме едно големо семејство, секогаш сме се чувствувале така и тоа е клучот за нашиот успех во последните години. Се држиме заедно како семејство и се надевам дека тоа ќе трае со години, – порача Рамос од бината, а потоа дополнително го „пецна“ Роналдо за неговото непојавување на гала вечерта во која Модриќ беше прогласен за најдобар играч од страна на УЕФА.
– Дознавме дека нема да дојде додека ни ги ставаа микрофоните и сите останавме изненадени од тоа. Нека прави што сака, – дрско порачал Рамос во изјава за шпанска телевизија.