Граѓаните не треба да имаат дилема кога станува збор за придобивките од членството во НАТО и Европската унија, порача Горан Сугарески од коалицијата „Заедно ЗА европска Македонија“ на синоќешната референдумска трибина во Ресен.
Повикувајќи ги преспанци да излезат на претстојниот референдум на 30 септември и позитивно да се изјаснат на прашањето кое носи два одговора, едниот е за членство во ЕУ и НАТО, а другиот за договорот со Грција, тој ги појасни придобивките што земјата ќе ги има со приклучувањето во нив.
– Иако голем дел од граѓаните знаат кои се придобивките од НАТО, како воена алијанса и што ќе значат пристапните преговори со ЕУ што треба да почнат во 2019 година во наредните 30 дена ќе им укажеме што ќе се случува на 30 септември. Со гласање на референдумот, уставните измени и ратификацијата на договорот со Грција се затвора безбедносното прашање во Република Македонија, а огромни се придобивките и со влезот во Унијата посебно во делот на финансии и ИПА средства, истакна Сугарески.
Ниеден човек, додаде, не треба да има дилема што ќе значи Македонија да стане 30-та членка во НАТО, како и членка на Европската унија.
Говорејќи за македонско-грчкиот договор, Сугарески потенцира дека македонскиот идентитет и јазик се целосно заштитени.
– Во договорот стои македонски јазик во сите сегметни и македонски народ недвосмислено и јасно. Комплетно е заштитен македонскиот јазик и идентитет. Вистинскиот пат за Република Македонија е овој и не постои друг, нагласи Сугарески.
Повика опозициската ВМРО – ДПМНЕ да излезе на референдумот и да се изјаснат, потсетувајќи како 12 години говореле дека за прашањето за името народот ќе се изјасни на референдум, а сега партијата уште не излегува со свој став.
– Македонските граѓани треба да донесат слична одлука како во 1991 година. Одлуката не е политичка, туку е исклучиво за граѓаните на Република Македонија. Оваа држава нема друг алтернативен пат освен да оди во НАТО и ЕУ, рече Сугарески.
Тој најави дека покрај Коалицијата, кампања ќе води и Европската унија и невладините органзиаци.