Бошкоски: Се враќа изгубената правна држава, моите прогонители сега се прогонувани
Ексминистерот за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, по денешното рочиште за предметот „Тортура“, изјави дека верува дека конечно во Македонија ќе се врати, како што рече, изгубената правна држава. „Верувам во судот“, рече Бошкоски и рече дека очекува за неправедно осудените постапките да бидат обновени. „Вистината ќе победи. Моите прогонители сега се прогонувани за кривично дело“, рече лидерот на „Обединети за Македонија“.
Бошкоски денеска во емотивно обраќање пред судот сведочеше за тоа што видел и слушнал на 6 јуни 2011 година и потоа, кога обвинетите полициски „алфи“ го апсеа во близина на ресторанот „Воденица“. Судијката Александра Ристевска, која го суди предметот, им го прифати барањето на адвокатите на обвинетите „алфи“ и на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, денеска да не го испитуваат директно Бошкоски, на што се противеше СЈО и адвокатот на Бошкоски. Тие сметаат дека на денешното рочиште треба да се заврши целосното испитување на сведокот т.е. жртвата зашто секое доаѓање во суд и присетување на настанот се изложува на непријатно сеќавање на настанот. Судењето продолжува в петок, 7 септември, со доказна постапка и изведување на материјалните докази.