Заев од Бутел на учениците им порача никогаш да не престанат да поставуваат прашања
Премиерот Зоран Заев им посака успех во учењето на сите првачиња на почетокот на учебната година и им порача никогаш да не престанат да поставуваат прашања и секогаш да останат љубопитни и жедни за знаење.
Премиерот Заев, заедно со министерот за образование и наука Арбер Адеми и градоначалникот на Општина Бутел Велимир Смилевски, присуствуваа на приредба по повод првиот училишен ден во ОУ „Ацо Шопов“.
– Првиот школски ден е еден од најважните денови во животот на секое дете и ние возрасните се сеќаваме на него. Во тоа име им посакувам среќен прв школски ден на сите дечиња што почнуваат во новата учебна година, а на наставниците успешна школска година, изјави Заев.
Посочи дека институциите будно ќе следат во обезбедување на што е можно поквалитетни услови за настава. На наставниците премиерот Заев им порача никогаш да не ги игнорираат индивидуалните посебности на децата, да одговараат посветено на прашањата на учениците и да го пренесуваат своето знаење несебично зошто така градиме нови генерации кои ќе водат грижа за нашето општество.
Министерот за образование и наука Адеми рече дека почетокот на учебната година претставува предизвик за сите нас, за институциите, наставниците, децата и родителите.
– Работиме напорно да обезбедиме за најмладите ученици и идните генерации европска Македонија и европско образование, рече Адеми.