Како дел од караванот на коалицијата „Заедно за европска Македонија“, премиерот Зоран Заев синоќа присуствуваше на граѓански собир во Берово.
Посочувајќи ги бенефитите од зачленувањето во НАТО и во Европската Унија, Заев синоќа пред беровци истакна дека грантовите и финансиската поддршка што и сега ги добива Македонија од фондовите на Унијата за развој на патната и железничката инфраструктура, на пример, по зачленувањето на земјата ќе се зголемат неколкукратно. Дополнително, посочи Заев, ќе се отвори и огромниот пазар на ЕУ за македонските земјоделски производи.
„260 000 евра добива Македонија како помош од Европската Унија. Таа помош ќе расте со нашиот напредок кон Унијата. Европската Унија – тоа е пазар на 500-тини милиони потрошувачи. Не е исто тоа што го произведувате, дали е беровскиот компир, дали е сливата или што било да го продавате овде на пазар од милион и шестотини или на 500-тини милиони потрошувачи. Тоа не е исто. Зошто не е исто? Зголемена побарувачка, посигурен пласман и повисока цена. Тоа се големи придобивки“, изјави премиерот на граѓанската трибина во Берово.
Меѓудругото, премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, изрази и верување дека граѓаните на 30 септември ќе излезат масовно и ќе бидат визионери. Односно дека ќе бидат дел од пишувачите на поновата историја на Македонија и дека ќе се разбудат горди што придонеле за подобра иднина на своите деца, на своите внуци.