МЗТ оди кон повисоки резултати со помош на „Џевахир Холдинг”
Турската компанија „Џевахир холдинг“ е нов спонзор на кошаркарскиот клуб „МЗТ Скопје Аеродром“.
Договорот за ова спонзорство, кое ќе трае една година, денеска во просториите на кошаркарскиот клуб го потпишаа генералниот директор на „Џевахир холдинг“, Есер Џевахир и извршниот директор на МЗТ Скопје – Аеродром, Тони Грнчаров. На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.
Градоначалникот Марин им се заблагодари на „Џевахир холдинг“ за нивната општествена одговорност во развојот на спортот воопшто, како и во развојот на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје – Аеродром.
„На овој начин го афирмираме спортот во Аеродром и пошироко и создаваме услови за развој и напредок на нашите млади спортисти“, изјави Марин.
Директорот Џевахир изрази надеж дека оваа соработка ќе продолжи и понатаму со уште поголема поддршка од нивната компанија.
Директорот на клубот, Грнчаров, пак, посочи дека на МЗТ многу му значи оваа поддршка. „Сите знаеме дека за стабилен клуб, се потребни стабилни средства“, истакна директорот Грнчаров, кој изрази надеж дека договорот од една година ќе продолжи и во иднина.