Рафаел Надал и Доминик Тим го одиграа мечот на сезоната во четвртфиналето од УС Опен, кој после пет часа спектакуларна борба го доби шпанскиот тенисер.
Надал го преживеа едниот од најтешките дуели во кариерата, па на крај забележа триумф со резултат од 0:6, 6:4, 7:5, 6:7, 7:6.
Актуелниот шампион уште еднаш ни покажа колку всушност е ментално силен, меѓутоа после ваков меч, слободно можеме да кажеме дека немаше да биде воопшто незаслужено дури и ако Доминик Тим на крајот завршеше како победник.
Без дилеми ова беше мечот на турнирот, а можеби и еден од најдобрите во сезоната, па така она што беше видено во првите 25 минути долго ќе се раскажува.
Тим нереално го почна мечот и го доби првиот сет против Надал со неверојатни 6:0, дозволувајќи му на Шпанецот да освои само седум поени.
Тим Доминик на тој начин стана првиот играч, кој на некој Гренд Слем турнир успеал да освои сет без да загуби гејм и против Надал и против Ѓоковиќ, но во овој меч набргу следуваше одговор од Шпанецот.
Полека, но сигурно Рафа го креваше нивото на својата игра. Надал се смири во вториот сет и во деветтиот гејм направи брејк, откако двајцата играчи без проблеми ги освојуваа гејмовите на свои сервиси.
Надал беше на работ од губење и на третиот сет, откако Австриецот поведе со 5:3, но сосема непотребно загуби четири гејма по ред и му ја предаде иницијативата на Рафа.
Сепак, Тим не се предаде па во четвртиот сет успеа да се врати, меѓутоа во петтиот сет на самиот крај како да снема сили и Надал стигна можеби и до најтешката победа во кариерата.
Шпанецот веднаш отиде да се поздрави и да го утеши противникот, а за влез во големото финале ќе се бори со Хуан Мартин Дел Потро, кој во четири сета го елиминираше Џон Иснер.