Премиерот Зоран Заев оствари средба со Жан Аселборн, министерот за надворешни работи на Големото Војдводство Луксембург.
Министерот Аселборн и на средбата со македонскиот премиерот на македонски јазик ја упати пораката до граѓаните, Владата и до нашата држава со зборовите „Ве чекаме во ЕУ и во НАТО“, соопштија од Владата.
Се работи за иднината на Македонија, но и за иднината на целиот регион, беше главната порака што беше упатена на средбата. Според министерот за надворешни работи на Луксембург Македонија е на добар пат да ги осигура евро-атлантските интеграции и во таа насока тој изрази повик за успешен референдум во државава.
Претседателот на Владата, Заев, за време на средбата посочи на огромниот бенефит од договорот во Преспа, и потенцираше дека тоа е заштитата и потврдата на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик во светски рамки и оцени дека граѓаните се свесни за оваа придобивка.
Заеднички беше констатирано дека станува збор за историска шанса за напредок и интеграција на Македонија и дека сите политички субјекти и граѓани имаат должност да донесат одлука во интерес на доброто на државата и на иднината на децата и младите. На средбата меѓудругото се разговараше и за други прашања актуелни во европски и регионален контекст, како и за потребата да се осигура стабилен и безбеден Балкан со европски перспективи.