„Јадам леб и шеќер за да има за децата“, семејство преживува со 5 илјади денари месечно
Трајче Конески и Моника Антевска, невенчани родители на 9-годишниот Бојан и 17-месечната Величе, секојдневно водат борба за егзистенција. На 38-годишниот Трајче пред 5 години му се дијагностицирани дископатија и дискусхернија, но принуден е да работи 14 часа на ден за да донесе парче леб за своето семејство.
Конески работи во градежна фирма каде што зема минимална плата од 12 илјади од кои 7 веднаш му ги одземаат извршителите и банките, па така ова четиричлено семејство се бори за живот со 5 илјади денари месечно.
„На работа сум 14 часа, јадам леб и шеќер за да остане за нив. Излегувам дома во 15 часот, се враќам утрото во 8 часот. Третиот и четвртиот прешлен ми се набиени, а главниот нерв за цела десна страна ми е заглавен помеѓу прешлените. Доколку ногата малку повеќе ја оптоварам, ми се укочува цела десна страна и тоа трае цел час, не можам да се движам“, вели низ солзи Конески.
9-годишниот Бојан, пак, исто така е дијагностициран откако, по совет на педагогот од основното училиште каде што учи, неговиот татко Трајче го однел во Домот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“. „Детето исто го носиме по болници, од училиштето го пратија во Заводот за ментално здравје на деца и младинци, има заостаток во развојот на мозокот, не може многу да памти, брзо заборава“.
Бојан секој ден петчасовната наставата ја слуша со празен стомак бидејќи неговите родители не се во можност да му обезбедат пари за пристојна ужина. „Дете како дете, си бара, треба да му дадеш пари барем за ѓеврек. Еве овие денови наутро до 12 часот е само на смоки. Сакам да му пружам повеќе, но, за жал, не можам“, вели Моника.
Условите во кои живее ова четиричлено семејство се катастрофални, куќата тукушто не паднала, а долниот кат, каде не живеат, како и поткровјето се полни со стаорци од кои понекогаш не можат ниту да заспијат.
„Куќата е целата во распаѓање, има глувци и стаорци, од нив не можеме да избегаме, навечер не можеме да спиеме од вревата што ја прават околу нас на кровот и на првиот кат. Ѕидовите се испукани, треба да се реновира, но нема пари. Едниот ѕид е оштетен од земјотресот и може да падне, а ако се случи тоа, целата куќа ќе се сруши“, вели Конески.
Ова семејство живее без социјална помош, мајката на Бојан и Величе, Моника Антевска, вели дека се обратиле до социјалните служби од каде добиле одговор дека не можат да земат социјална помош поради тоа што не се венчани со Трајче, а другата документација Моника не може да ја набави поради финансиската состојба во која се наоѓаат. Во колку тешка состојба се наоѓа ова семејство покажува и фактот што немаат доволно храна за целиот месец, а немаат ниту средства за лична хигиена.
„За храна нема доволно во месецот, имаме храна само за една недела, потоа се снаоѓаме, јадеме што ќе најдеме. Средства за лична хигиена немаме, со 5 илјади што попрво да се купи. Треба и сметките да ги платиме. Социјално не можам да земам бидејќи не сме венчани со Трајче и личната карта ми е на адреса во Куманово, а не во Скопје. Процедурата е голема, треба да се вади извод и други документи, а немам средства тоа да го направам“, вели Антевска.
Покрај секојдневните проблеми, на Антевска дополнителна тешкотија ѝ прави чирот на желудникот, кој го има подолг период. Таа била на доктор за ова од каде ѝ биле дадени одредени лекарства кои воопшто не ѝ се од помош. „Бев на лекар, но не ми помогнаа ништо, пробав многу лекарства, но не беа од помош. Болката сè уште е присутна, секој ден ме боли, некогаш и крв плукам. Што ќе се прави понатаму, не знам“, вели Антевска.
17-месечната Величе и 9-годишниот Бојан заедно со своите родители ги повикуваат сите добронамерни и хумани луѓе да им помогнат без разлика дали со финансиски или материјални средства, бидејќи секоја помош е добредојдена.
Жиро сметка: 250015000332990, Трајче Конески, Шпаркасе банка.
Извор: Макфакс