Села го маскиравме во полицаец, Шекеринска во докторка,сведочеше екс-министерот Тодоров
Ексминистерот за здравство, Никола Тодоров, на сведочењето за крвавиот четврток во судницата, рече дека тој дал наредба да ги маскираат Зијадин Села и Радмила Шекеринска, за да ги евакуираат.
“Села го маскиравме во полицаец, Шекеринска во докторка”, рече Тодоров во сведочењето.
Тодоров рече дека тоа го направиле благодарение на присутните полицајци.
“Едниот ја даде значката, другиот го даде елекот”, се присетуваше ексминистерот.
“Реков на Шекеринска да ѝ стават маска, капа, торба и мантил од доктор”, рече Тодоров.
Тој и лекарите првата средба со нив ја имале дури во канцеларијата на Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, кој цело време беше со нив додека ги повредуваа и не ги остави до последен момент, додека и последниот пратеник од СДСМ и ДУИ не ги качи во полициски хермелини.
„По седницата на која беше избран претседател на Собранието надвор од стандардната процедура, кога влезе толпата што протестираше, ми се јави Радмила Шеќеринска. Ми кажа дека се во прес-салата, беше во паника. Ми кажа дека еден човек е најверојатно мртов. Тогаш ѝ се јавив на Тања Баевска, директорката на Здравствениот дом Скопје, да прати екипи на прва помош“, сведочеше Тодоров, на судењето на 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Тој рече дека на крајот го нашол и тешкоповредениот Зијадин Села. Ги маскирал него во полицаец со значка, а Шеќеринска во докторка со бел мантил, маска капа и торба, ги товарил во амбулантно возило и ги однел во Клиничкиот центар.
Денеска треба да сведочат и Зоран Заев, Оливер Спасовски и Весел Мемеди.