Мијалков на својот брат: „Знаеш сега дека ќе го јаде 10 години. Чекај сега уште ќе го јаде“
На шестата снимка што денеска се пушти во судницата за рочиштето за предметот „Тортура“ се слуша како Влатко Мијалков му вели на својот брат Сашо дека повеќе се радува на апсењето на Бошковски отколку на победата на изборите која ВМРО-ДПМНЕ ја остварила претходниот ден.
„За победата не се радувам толку како за овој, таков идиот немам видено“, му вели Влатко на својот брат Сашо кој пак на ова му одговара му вели на својот брат да причека бидејќи има уште планови за Бошкоски.
„Слушна ли бе бате мој, знаеш сега дека ќе го јаде 10 години. Чекај сега уште ќе го јаде“.
На почетокот на денешното рочиште со изведување на докази на Специјалното јавно обвинителство, односно видео и аудио снимки, денеска продолжи судењето за предметот „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошковски, адвокатот на обвинетите Љупчо Шврговски побара воопшто да не се пушта снимка од разговорот меѓу Сашо Мијалков и Драган Павловиќ-Латас со образложение дека се нарушува приватноста на Мијалков и дополнително побара да се исклучи јавноста за другите аудио докази.
На ова, обвинителот Љубомир Лапе од СЈО рече дека приговорот на одбраната бил за четвртиот разговор, а не за првиот, и оти тогаш треба да реагираат.
Во снимката што беше пуштена на почетокот, се слуша како Латас му вика на Мијалков да биде уапсен Бошковски во кафеана и да биде влечен на под. Мијалков го нарекува Љубе „лудак“ и додава „се бореше кучето“.
По пуштениот разговор, адвокатот Шврговски повторно реагираше дека во снимката има политичка конотација и приватен разговор и оти се прави театар за јавноста. Тој упорно бара да не се слушаат снимките.
Во овој предмет обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски – Пуки и уште петмина припадници на единицата.