Левиот бек на Реал Мадрид и бразилската репрезентација ја призна вината во случајот во кој беше обвинет за затајување на данок. Тој откри дека користел сметки во странски држави каде ги складирал приходите од авторските права за користење на неговиот лик.
Поради признавање на вината Марсело доби намалување на казната, па финалната пресуда му донесе затворска казна од четири месеци и парична казна од 750.000 евра.
Сепак, 30-годишниот лев бек нема да оди во затвор поради шпанскиот закон кој вели дека секоја затворска казна пократка од 2 години може да се замени со условна казна, која ќе се претвори во затворска само доколку обвинетиот повторно го прекрши законот.
Бразилецот е последниот во низата фудбалери на кои им беше изречена казна поради затајување на данок, а пред него беа обвинети имиња како Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Хавиер Маскерано, Нејмар, Лука Модриќ, Жозе Мурињо и Анхел Ди Марија.
Ако се соберат сите парични казни и парите кои треба да ги врати поради проневерувањето, Марсело ќе треба да плати околу 1 милион евра за да се ослободи од понатамошна правна постапка против него.