„Ни треба камшикар. Ни треба некој од ЕУ и НАТО да дојде овде и малку да нѐ потсреди. Сите, од мене на чело, па надоле сите. Затоа што мора да има европски ред и поредок, мора да има европски правила. Тоа е нешто кое што сакаме и тежнееме да го постигнеме“, изјави премиерот Зоран Заев на митингот во Велес на кој повика да се гласа ЗА на референдумот.
Тој се осврна на придобивките од членството во ЕУ, посочувајќи дека и синдикатите и бизнисмените и стопанствениците, но и граѓаните знаат дека платите драстично ќе пораснат, а со тоа ќе се подобри стандардот и благосостојбата на сите во Македонија.
Зборувајќи за значењето од постигнатиот компромис преку македонско-грчкиот договор, Заев посочи дека освен нов искрен пријател, со договорот се отворија нови перспективи за Македонија. Во исто време, македонскиот идентитет не само што е зачуван, туку е и признаен од сите светски земји.
„Добивме држава признаена од цел свет, во којашто живее доминантно македонски народ, признаен од целиот свет, којшто зборува на доминантно официјален службен јазик – македонски јазик, признаен од целиот свет. Па за што друго се бореа нашите дедовци и прадедовци? Се бореа токму за тоа – да бидеме признаени од целиот свет“, порача премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.