Дискаверер: Не одете во Дубровник, одете во Охрид
Меѓународниот туристички портал Дискаверер (The Discoverer) направи листа на пет популарни дестинации кои би требало да се избегнуваат поради метежот и негативниот став кон туристите и препорачува алтернативни дестинации.
На негативната страна од списокот се наоѓа Дубровник, и наместо тој хрватски град, на туристите им се препорачува да го посетат Охрид во Македонија, објави порталот Индекс.
Посетата на историскиот стар град Дубровник е врв на секој одмор во Хрватска, но мноштвото народ во тесните улички и премини не придонесуваат за квалитетот на тоа искуство, пишува патеписецот на Дискаверер Џулија Хамонд.
– Пренатрупаноста се влошува и од крузерите, од кои слегуваат голем број патници и го зголемуваат бројот на луѓе во градот на неколку часа. Кога на тоа ќе се додаде дека градот е се попознат по својата улога во смешно популарната серија „Игра на тронови“ – добивате проблем од епски пропорции. Властите беа принудени да дејствуваат со ограничување на бројот на луѓе кои би можеле да прошетаат по бедемите до безбедната квота од 4.000 лица дневно, пишува Хамонд..
„Наместо да се обидувате да бидете еден од среќниците кој ќе добие билет за посета на локациите во Дубровник, посетете го прекрасниот град Охрид, во Македонија. Градот обилува со шарм, од рестораните на езерото до старите цркви и манастири кои се чини дека се наоѓаат на секој агол. Сместен на најстарото езеро во Европа, градот има богата историја која ќе ве воодушеви, особено бидејќи можете да уживате без турканици, се наведува во текстот.
Инаку, на прво место, на негативната страна од листата е Барселона, наместо која Дискаверер препорачува посета на шпанскиот град Екстрамадури.
На второ место е Маја Беј на Тајланд, кој треба да се замени со посета на Кок Мук во истата земја, следува Галапагос за кој е понудена алтернатива Исла Магдалена во Чиле и на крајот се препорачува избегнување на Мачу Пикчу во Перу и наместо тоа, да се посети древниот локалитет Морај во таа земја.