Секторот за внатрешни работи Скопје, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против А.С.(29) од Велес поради постоење основи на сомнение дека извршил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“, казниво по член 215 од Кривичниот законик на Република Македонија.
На 10.09.2018 година во 19.30 часот на ул.„Сава Михајлов“ во Скопје полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „Матиз“ со велешки регистарски ознаки, кое било паркирано на тротоар, како и проверка на идентитетот на возачот. Во тоа време дошол и пријавениот А.С., кој, исто така, бил легитимиран и бил извршен преглед на неговата чанта. При прегледот, во чантата биле пронајдени три пакувања со околу 300 грама хероин, една кеса со 285 грама мешавина од кофеин и парацетамол и едно пакување со околу 10 грама кокаин и два мобилни телефони.
Лицата биле лишени од слобода и донесени во полициска станица по што возачот бил пуштен, а А.С. бил задржан за понатамошна постапка. Предметите се одземени и по извршеното вештачење, во координација со Основното јавно обвинителство, против А.С. е поднесена кривична пријава.