Ципрас: Ги поддржувам напорите на Заев да го добие референдумот

 Желба, надеж и поддршка за Зоран Заев да го добие референдумот, уште еднаш изрази грчкиот премиер Алексис Ципрас.

– Посакувам и се надевам дека овој договор ќе оди напред. Посакувам, се надевам и ги поддржувам напорите на Зоран Заев да го добие референдумот. И секако, потоа, уште потешкиот обид да најде 2/3 во Собранието, во неговиот парламент за да ја ратификува уставната промена. Ова е голема шанса за Грција, голема шанса за регионот. Решава проблем што постои со децении и според моето мислење го решава на позитивен начин за земјата, вели грчкиот премиер.

Алексис Ципрас вели дека решението меѓу двете земји ќе добие апсолутно мнозинство во грчкиот парламент и објаснува дека Договорот од Преспа, ќе дојде во парламентот, онака како што е одредено во самиот договор „кога другата страна ќе го финализира процесот на уставна ревизија и секако кога ќе се состави протоколот за интеграција во НАТО“, за Грција да може да го ратификува и протоколот за членство на Македонија во Северно -атлантскиот сојуз.

– Овој договор ќе добие апсолутно мнозинство во грчкиот парламент. Ја почитувам и не се согласувам со позицијата на мојот коалиционен партнер, со кој имам чесна и искрена соработка и сум сигурен дека ќе ги задржи неговите принципи, така како што самиот верува, но нема да го наруши непречениот тек на земјата кон економско закрепнување и политичка стабилност, објаснува Ципрас во однос на позицијата на Независни Грци и Панос Каменос.

Во однос на можноста за предвремени парламентарни избори заедно со локалните и евроизборите во мај следната година, грчкиот премиер уште еднаш го повтори ставот дека „целта и стратегијата на владата е да го заврши четиригодишниот мандат“, а изборите да се одржат во октомври 2019.

Треба да знаете
Последни објави