На денешното судење во предметот „Топлик“, сведочеше вработена во Министерството за транспорт и врски, која била член на Комисијата за јавно наддавање на градежно земјиште.
На прашање на обвинителот од СЈО, што констатирала Комисијата сведокот рече дека документацијата била некомплетна и затоа не може да се донесе одлука за јавно наддавање. „Немаше нумерички податоци за сите градежни парцели, немаше уверение за движење на катастарските парцели“, рече сведокот.
Додаде дека бил составен записник со кој сакале да го известат министерот дека не може да се објави повик за јавно наддавање со некомплетна документација.
„Баравме од министерот да нè разреши од комисијата“, рече во сведочењето поранешната вработена во министерството.
Подоцна рече дека никој не ја известил дека е разрешена. „Подоцна разбрав дека сум била ставена во второформираната комисија, иако не знаев за тоа“, рече таа.
Првообвинет во предметот „Топлик“ е ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Во случајот обвинети се и Томе Ѓурчилов и Димитар Димовски, како и уште четири други лица, членови на комисијата за јавни наддавањa при Министерството за транспорт и врски како соизвршители. Според обвинението на СЈО, тие ја злоупотребиле службената положба и овластување и го оштетиле буџетот за приближно 1 милион евра при продажба на земјиште за месноста „Сончев град“ во Сопиште.
СЈО тврди дека иако надлежната комисија во Министерството укажала дека не може да се продава земјиштетото за „Сончев град“, Јанакиески експресно формирал нова комисија која дозволила да биде објавен огласот за продажба. Бил склучен и купопродажен договор со фирмата „Сан Сити“ во 2007 година кoj четири години подоцна спогодбено раскинат. Во овој случај Апелациониот суд одлучи доказ да бидат и 11 бомби на специјалното јавно обвинителство.