Отворен првиот Мобилен сервис за здравствени и социјални услуги во Кочани
Под слоганот #СеГрижимеЗаедно и #ДомашнаПосета денеска во Кочани беше отворен првиот Мобилен сервис за здравствени и социјални услуги, пилот услуга на Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика, а поддржан од Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП).
Сервисот го најавија министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, постојаната претставничка на УНДП, Луиза Винтон и градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.
Новата услуга ќе биде реализирана од страна на двата тима составени од медицински сестри и социјални работници кои ќе работат на терен. Тие секојдневно ќе посетуваат домаќинства во Кочани и руралните заедници со цел превенција, основна социјална и здравствена грижа во домашни услови.
“Денеска го воведуваме Мобилниот сервис, пилот услуга за домашна посета, за да ги приближиме здравствените услуги поблиску до граѓаните. Министерството за здравство препознава дека живеењето во социјален ризик води до нееднаков пристап до здравствени услуги, а тоа директно влијае врз здравјето на нашите граѓани. Очекуваме дека оваа услуга ќе придонесе за намалување на бројот на хоспитализации и здравствени компликации и ќе се придонесе кон подобрување на достапноста и квалитетот на здравствена грижа.“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска изјави дека во најголем број на случаи здравствените и социјалните ризици се испреплетуваат. Во земјата досега не постоеше заеднички сервис во кои ќе се спојат овие две услуги. За прв пат во медицинскиот тим ќе се вклучи и социјален работник чија задача ќе биде да препознае евентуални социјални ризици во семејствата.
,,Програмата за развој на Обединети Нации со гордост учествува во оваа пилот иницијатива со ресорните министерства, со цел граѓаните на Кочани да ги почуствуваат бенефитите од овој ново формиран сервис, а истиот да прерасне во иден редовен модел на здравствена и социјална заштита”, потенцираше постојаната претставничка на УНДП во земјата.
Заеднички веруваме дека Мобилниот сервис за кратко време ќе ги покаже позитивните резултати од терен, а воедно и ќе претставува добар модел кој би се реприцирал и во следните две општини – Битола и Ресен. Интенцијата е, по овие три први општини истиот систем да профункционира и на национално ниво.