Заев: 27 години сонуваме еден сон кој денес има голема шанса да стане наша реалност
Од нас зависи иднината на нашите деца и на нивните деца, никој друг за нас не може да ја донесе оваа одлука.
Нашиот мултиетнички народ е исправен пред крупна одлука и знам дека ќе се носи со сериозноста со одлуката, им порача премиерот Зоран Заев на насобраните граѓани на денешниот марш ЗА европска Македонија.
„27 години сонуваме еден сон кој денес има голема шанса да стане наша реалност. Да бидеме рамо до рамо со сите развиени земји, со квалитетно здравство , образование. Денес сме конечно исправени да го оствариме овој сон. Да ја зграпчиме оваа уникатна шанса, да излеземе и да обезбеидме европска иднина за генерациите после нас. Ова наше патување е на дофат до остварување за европска Македонија“ порача Заев.
Тој потсети дека и на референдумот за независноста, кој се одржа на 8 септември 1991-та година, не било лесно да се донесе одлука и, како што рече, се уште има многу прашања пред нас, но луѓето тогаш, гласаа со разум и љубов кон земјата. Рече дека народот донел одлука со која до ден денес се горедееме. Им порача на граѓаните дека со влезот во ЕУ и НАТО, ќе има големи инвестиции, ќе паѓа невработеноста, ќе се спречи конечно миграцијата од земјава.
„Затоа патриотизам е да си ја осигураме иднината на нашата земја. ЕУ и НАТО е сигруниот пат, за нас нема друга алтернатива. Тоа е нашата водилка за подобар живот. Решивме спор, добивме пријател, донесовме договор по 27 години, мора сите да знаеме дека договорот е фер и праведен, двете страни добиваат. Ве уверувам дека двете страни добија и ништо помалку, овој договор овозможува перспектива, инвестиции, развој, европска иднина“ нагласи Заев.
Мрднавме од мртва точка, рече тој, додавајќи дека само со компромис има напредок, и дека малите деца знаат оти мора да се реши прашањето со Грција за да се оди напред.
„Затоа донесовме храбра и државничка одлука и знам дека и народот ќе донесе државничка и историска одлука за Македонија. Прифативме додавање на зборчето Северна, а Грција го призна нашиот македонски јазик и идентитет, најдовме формула како да испишеме европска историја“ рече Заев.
Тој му порача на народот дека има најдобар договор на свет и дека подобар неможе никој да добие. Им се заблагодари на припадниците на другите етнички групи за солидарноста и разбирањето за македонскиот идентитет и јазик.
На крајот го повика и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да му се придружи и заедно да застанат, да одработат за Македонија и за нивните деца.