Отворањето на Канцеларијата за превенција во нас. Синѓелиќ

Отворањето на Канцеларијата за превенција во нас. Синѓелиќ

Отворањето на Канцеларијата за превенција во рамки на Полициската станица Гази Баба, овде во населбата Синѓелиќ, всушност значи уште еден доказ за практичното спроведување на принципите на тесна полициска соработка со граѓаните, а во насока на заедничко и поквалитетно превенирање и решавање на проблемите во локалната заедница, рече министерот Оливер Спасовски на денешното отворање на канцеларијата за превенција заедно со градоначалникот на Гази Баба, Борис  Георгиевски.

Министерот Спасовски потенцира дека кога минатата година новото раководство на МВР јасно ги дефинира приоритетите за реформа и развој на македонската полиција, јасно беше ставено до знаење дека покрај професионалното, стручното и техничко-материјалното унапредување на Министерството за внатрешни работи, клучно ќе биде и реалното воспоставување на концептот на работа на полицијата како вистински сервис на граѓаните. Односно заживување на т.н. “Community policing“, концепт на соработка на полицијата со заедницата.

Сега граѓаните од овој дел на главниот град, преку Канцеларијата за превенција, ќе имаат можност подиректно и поефикасно да комуницираат со полициските служби, да бидат подетално информирани, но и едуцирани за разните аспекти, не само од доменот на полициското работење туку и од аспект на зголемување на степенот на личната сигурност и сигурноста на нивните материјални добра. Независно дали станува збор за заштита од тешки кражби, малолетничка деликвенција, сообраќајна безбедност или која е и да е друга проблематика. Полицијата е максимално отворена и кооперативна за се она што ги мачи граѓаните, да излезе во пресрет на сите нивни барања во надлежност на полицијата, воспоставувајќи така партнерство кое што во основа има само една цел: подобар, сигурен, безбеден и квалитетен живот на локалната заедница.

Министерот Спасовски им се заблагодари на локалните власти од општина Гази Баба, за соработката околу отварањето на оваа канцеларија, како и на мисијата на ОБСЕ за заедничките напори во целосна имплементација на концептот на “соработка на полицијата во заедницата“.

 

Треба да знаете
Последни објави