Ристиќ: Македонија во гола кожа. Полициска станица ‘Беко’, Бардовци и јас
Актерката и активистка Ирена Ристиќ со полициско комбе била приведена во полициска станица „Беко“ бидејќи, како што вели, чистела догорчиња од цигари пред Влада. Ристиќ вели дека односот на полицајците бил арогантен, а три часа од приведувањето не ѝ дозволиле ниту да повика адвокат.
Како што вели актерката, пред Владата догорчиња фрлаат токму оние кои фрлањето отпад треба да го санкционираат.
„По слободна проценка, до оградата имаше од несанкционирани фрлени пикавци 54 илјади и седамсто евра у казни. Таков и толку скап тепих од пикавци имаат исткаено оние кои тоа најмалку смеат да си го дозволат. Нормално, тоа им го кажав. И така почна“, раскажува актерката во објава напишана на нејзината официјална фејсбук страница.
„Македонија во гола кожа. Полициска станица ‘Беко’. Психијатриска болница ‘Бардовци’. И јас. Се налутија што собирам догорчиња пред Влада. Да не бевте емотивно врзани, па ве изреметив? Едвај ги убедив дека имам право на адвокат“, напиша на социјалните мрежи актерката Ристиќ, која ова го смета за притисок врз неа.
„Ниту еден, значи, ниту еден од полицајците не се легитимираше и не се претстави, а уште помалку најде за сходно да објасни зошто сум така третирана. Се изредија десетина. И мажи и жени. Сите до еден беа груби и некултурни. Ми се обраќаа со “ма” и “мори”… Гласно ме пцуеја!“, опишува Ристиќ.
Таа сведочи дека од полициската станица се обиделе да ја стават во психијатриската болница „Бардовци“, но, откако ја однеле дотаму, ја вратиле повторно во полициксата станица.
Во својата објава на Фејсбук актерката додава дека таа воопшто не е исплашена од целата ситуација, иако како што вели тоа предизвикало нервоза кај службените лица.
Ирена Ристиќ пред два месеца почна со граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“ во која членуваат повеќе јавни личности, но и волонтери. Тие организираат акции за чистење на различни локации на кои има смет. Последната акција се одвиваше во Марков манастир, каде што активистите собрале 98 вреќи со ѓубре.
Од МВР велат дека го проверуваат случајот со Ристиќ, по што ќе дадат информации за тоа што се случувало.