Оризот од Кочанско не е генетски модифициран, покажаа суперанализите направени во германска лабораторија во Софија.
Како што соопшти денеска директорот на (ДИЗ) Благој Индов, станува збор за сортите ориз кои по првичните анализи на Факултетот за ветеринарна медицина покажаа присуство на ГМО.
– Резултатите од суперанализата на позитивните примероци ориз кои беа испратени во акредитирана лабораторија на ЕУ се негативни. Тоа значи дека оризот од кој беа земени примероците не е генетски модифициран, истакна Индов.
Инспекторатот исконтролирал повеќе складови и земал вкупно седум мостри од сомнителните сорти. Притоа, кај две резултатите биле позитивни за ГМО поради што биле испратени на суперанализа.
– Контролите продолжуваат. Примероци за анализа ќе се земат и од следната реколта, од оние сорти за кои сметаме дека се сомнителни, рече директорот.
Негова оценка е дека производителите во Кочанско нема да претрпат штети зашто анализите се спроведувале во период додека оризот се уште бил во фаза на стасување, а жетвата допрва ќе почне.