Новинарката Ивона Талевска, на државна сметка ја уплатила целата сума од пресудата која ѝ ја изрече судот во предметот за даночно затајување „Тифани“.
Талевска, според пресудата, како физичко лице вратила над 27 илјади евра за затаен данок од 6 години, уплатила 76 илјади денари за вештачењето на СЈО, 1000 евра како споредна штета, 2000 денари судски трошоци…
Од судот одговорија: „Обвинетото физичко лице во предметот ,во целост ги има платено сите трошоци и утврдената сума во пресудата. Што се однесува до правното лице, извршувањето ќе се спроведе штом тоа ќе ја прими второстепената пресуда“. На осудената Талевска, судот ѝ го вратил пасошот, кој ѝ беше одземен како дел од мерките за претпазливост кои ги побара специјалното јавно обвинителство.
Според пресудата, Талевска како претставник на фирмата „Смарт“, која престанала да постои 2013 година, е задолжена да врати и приближно 18,6 илјади евра за затаен данок. „Смарт групацијата“, пак, треба да плати казна од 200 илјади денари и данокот кој бил затаен во износ од над 16 илјади евра.
Според обвинението на СЈО, Талевска 6 години без ниту еден вработен свртела милионски суми, а прикажувала дека за потребите на фирмите купувала долна облека, козметика, маси, столови, велосипеди, мобилни телефони, гориво, патни трошоци, хотели, авиони, лизинг за возило… Осудената ја намалувала основицата за пресметување на данокот на добивка прикажувајќи расходи кои не биле направени за вршење на дејноста на правните лица.