Приведени се четири лица осомничени за разбојништвото кое вчера беше извршено во менувачница во Тетово.
Секторот за внатрешни работи Тетово по преземени мерки го расчисти разбојништвото кое вчера околу 09 часот беше извршено во менувачница, односно агенција за трансфер на пари лоцирана на улица „Илинденска“ во Тетово.
Од слобода се лишени четири лица поради основано сомнение дека се сторители на кривичното дело. Станува збор за М.М.(56) и Р.С.(35), двајцата од Италија и Е.В.(32) и Х.Л.(57) од Тетово.
Италијанскиот државјанин М.М. и тетовците Е.В. и Х.Л. се приведени поради основи на сомнение дека извршиле кривично дело „разбојништво“, а Р.С. поради сомнение дека извршила кривично дело „прикривање“.
Првоосомничениот М.М. влегол во објектот и заканувајќи му се на вработениот со пиштол од метален сеф и фиока противправно одзел парични средства во вкупен износ од околу 20.000 евра, по што со такси возило управувано од Х.Л. веднаш се оддалечил заедно со другите осомничени, кои го чекале во непосредна близина.
Осомничените се упатиле кон угостителски објект покрај регионалниот пат Тетово – Волковија, каде ги поделиле одземените парични средства, по што во друг угостителски објект каде престојувале, лишени се од слобода од полициски службеници на СВР Тетово.
Во текот на денешниот ден четворицата ќе бидат изведени пред судија во претходна постапка на Основниот суд Тетово.