Член на ИК на ВМРО ДПМНЕ – Богданов повикува масовно да се гласа на референдумот
Јас уште на состанокот на Извршниот Комитет го изложив својот став дека партијата треба да ги повика членовите масовно да излезат на референдум и да гласаат согласно своето убедување за или против Договорот. Јас лично ќе излезам да гласам“, изјави во интервју за Фактор.мк, Костадин Богданов, член на ИК на опозициската ВМРО ДПМНЕ.
,, Треба да се има предвид историската важност на овој референдум, кој несомнено отвора една нова перспектива за сите нас кои живееме тука. Остануваат уште десетина дена. Пораките од нашите пријатели и сестрински партии ги чувме. Ги слушнавме и аргументите против договорот. За жал, сѐ уште никој не успева да понуди сериозна и реална алтернатива на самиот Договор, ниту пак успева да понуди соодветна алтернатива на членството во ЕУ и НАТО. Доколку остане така и во наредниот период, едноставно ќе нема друга опција освен да се подржи договорот со сите концесии направени од македонска страна, пред се заради огромниот влог кој го носи со себе, а тоа е отворање на портите кон ЕУ и НАТО како државна стратегија прифатена од огромен број на македонски граѓани“- изјави Богданов.
Костадин Богданов е магистер на Европско и компаративно право. Член е на централната правна комисија на ВМРО-ДПМНЕ од 2008 година. Во јуни 2004 година станува член на адвокатската комора на РМ, кога ја основа адвокатската канцеларија “Богданов и Богданов”. Во 2011 година, од страна на Владата на Република Македонија е именуван за Владин агент пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Франција. Богданов е редовен предавач на Академијата за судии и обвинители на Република Македонија.
Сега е член на ИК на ВМРО ДПМНЕ.