Бизнисменот Минчо Јорданов на денешното сведочење за случајот ,,Шпион” рече дека обвинетиот Миќо Наскоски заедно со неговиот аналитичар Зоран Витанов му доставиле список дека за операцијата на берзата за преземање на АД „Бетон“ Јорданов на Наскоски му должи 30 милиони евра и покрај тоа што претходно за преземањето на „Бетон“, како што кажа Јорданов, на Наскоски му дал 150 илјади евра, дел на сметка, а дел на рака во кеш.
,,Наскоски извади листа со проекти за кои кажа дека тој дал личен придонес за моја заработка преку нив па на тој основ ми побара 30 милиони евра. Јас тие проекти тогаш првпат ги видов”, рече Јорданов.
Откако Јорданов дознал дека Наскоски е измамник, го избркал од АД „Бетон“. Но, кратко по тоа, според сведочењето на Јорданов, на неговата е-пошта почнале да пристигнуваат содржини од новинарот Зоран Божиновски на кои пишувало дека доколку на Наскоски не му бидат исплатени парите што ги бара, на порталот ќе излезат написи против него.
Обвинетите на претходните рочишта се изјаснија дека не се виновни и дека целиот процес е монтиран. На наредното рочиште за овој случај, кое ќе се одржи на 29 октомври, како сведоци ќе бидат повикани Зоран Витанов и Блажо Јованов.