Утрово околу 4 часот бил запален автомобилот на архитектот Златко Тодоров паркиран на тротоар на улицата Христо Смирненски зад Универзалната сала во Скопје.
Соседите велат дека забележале луѓе со фантомки како бегаат по улицата. Нема жртви ниту повредени, направена е само материјална штета. Заедно со автомобилот изгорел и компресор на градежна компанија кој, исто така бил оставен на тротоарот, мали оштетувања има и кај уште неколку автомобили и искршени се прозорците на куќата пред која бил паркиран автомобилот. Архитектот Златко Тодоров, сопственик на градежна компанија се сомнева дека подметнатиот пожар е поврзан со судски спор за кој неодмна имало пресуда во негова корист.
„Тој што го направил овој чин е очигледно социопат. Сторителот не направил увид во тоа дека во близина и прозори и дека луѓето спијат. Нивната вознемиреност е поголема жртва од автомобилот. Има еден процес кој што се води во Обвинителството, карактеризирани се сите тие. Се работи за злосторничко здружение, а ги има повеќе. Пред неколку дена имавме пресуда во наша полза и извршена е. Дали тоа може да се поврзе или не може, јас ќе погрешам. Нема други работи. Немам некои посебни личности кои можам да ги посочам, освен оние кои се во јавноста познати, а институциите ги карактеризирале како злосторничко здружение. Се надевам дека на тоа здружение, по референдумот, ќе му дојде крајот. Има очевидци. Едниот сосед кој се разбудил од буката потврдува дека човек кој бил маскиран со запалива материја или направа бил свртен кон колата и бегал. Сега полицијата е на увид, а ќе биде процесирано согласно законите. Имало експлозија од неексплозивна направа. Претпоставувам дека тоа е некое шише со бензин кое пукнало. Не е тоа експлозијата, туку бензинот виновник за штета на возилото. Противпожарната бригада била тука за 3-4 минути. Тие ефикасно реагирале. Да не биле тие, ќе имало пожар во станот кој што е на приземје и можел да биде опфатен. Девојката затворила прозор, како што пожарникарите и кажале. За среќа нема други материјални штета. За да направите ваков чин, човек треба да е малку ненормален. Социопатијата е работа која не можете да ја препознаете“, изјави архитектот Тодоров.
За запалениот автомобил аларм кренало куче од соседството со вознемирено лаење. Соседите на Тодоров велат дека кучето почнало да лае кога забележало непознати лица на улицата, која важи за мирен дел од центарот на градот, а за кусо време го забележале и пламенот. Противпожарната бригада ја повикале соседите, кои велат дека слушнале и мала експлозија која ги распаметила. Утрово сите беа вознемирени и со страв дека се можело да изгори ги гледаа остатоците од автомобилот и трагите од гасењето што ги оставила противпожарната бригада по целата улица.
Полицијата дојде да направи увид.