Не видов полицаец додека тепаа пратениците во Собранието, сведочеше низ солзи новинарка
Новинарка која на 27 април 2017 година била во Собранието, во моментот сведочи во Кривичниот суд, на судењето за „Крвавиот четврток”‘. Таа видно вознемирена и низ солзи се присети на тоа што го доживеала при насилниот напад во законодавниот дом.
-Додека Талат Џафери даваше изјава во прес центарот, на мониторите се гледаше како толпа луѓе влегува во Собранието преку главната врата, па некој му даде знак да запре. Почна да се чувствува нервоза, а се слушаа и гласови. Ги прашав Зоран Заев и Џафери дали можат да ја гарантираат безбедноста на новинарите и пратениците, а Џафери ми одговори дека е сигурн дека институциите ќе си ја завршат работата, истакна новинарката.
Набрзо потоа толпата влегла во прес салата, која викала и пцуела.
-Според мојот впечаток целта беше Заев. Викаа ќе ве убиеме, шиштарски предавници, а покрај него и Џафери и Зијадин Села. Удира со се што имаа во раце, стативи од камерите, копја од знамињата, па дури и маваа со мебел. Кога се слушна истрел толпата се повлече, а за кратко време состојбата ескалираше и сите удираа по секого, па освен пратениците цел беа и новинарите. Тогаш го заработив првиот удар од постар човек ме удри во зидот и ми рече дека работам во предавничка телевизија, рече новинарката.
Таа во толпата видела двајца соседи од кои едниот и рекол, “излегувај ќе биде гадно”.
-Полиција немаше, ама јас мислев се уште е рано. Пратеникот Села кој стоеше зад пратениците излезе напред по што го опколија и почнаа да го удираат. Еден со сива качулка кон Села замавна со дрвен стап, а истиот потоа и мене ме удри по рака. Потоа шест до осум луѓе го удираа по глава и буквално се бараше место кој да го шутне по глава. Пред да го изнесат му ја подигнаа главата, односно некој го фати за коса и се виде дека целото лице му е со крв. Додека го влечеа оставаше крвави траги, се присети новинарката, додавајќи дека искоментирала штом ова ми се случи на пратеник, може да ни се случи и на нас.
Таа истака дека пратеникот Валатко Ѓорѓев се поставил како жив штит пред нападнатите пратениците, а му се приклучиле и двајца новинари.
-Бидејќи колешката снимаше со телефон не опколија неколкумина и бараа да ги избрише снимките. Колешката ја внесоа во една просторија, а јас кога се обидов да влезам еден ме удри по лице. Отидов кон влезот каде што имаше собраниско обезбедување и низ солзи го замолив да ми помогне, бидејќи колешката е затворена сама со четворица. Тој само ми рече, неможам ништо да направам, истакна сведокот.
Таа додаде и дека цело време биле оставени сами на себе, односно без помош од полицијата.
Новинарката опиша и како течело извлекувањето на пратениците.
-Во еден момент влета Ѓорчев и му рече на Џафери и на другите, “Вртете телефони, Албанци се тргнати од Чаир и Тетово, може да биде големо”, додаде новинарката, по што следело евакуирањето.