Тасевски: Напаѓачите извикуваа дека ќе не убијат
Лица со фантомки се закануваа дека ќе бидеме ликвидирани, не пцуеја и не удираа со се што ќе стигнеа, сведочеше вечерва Сашо Тасевски, актуелен директор на БЈБ, кој во времето на случувањето во Собранието беше обезбедување на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тасевски на рочиштето за „27 април“ во Кривичниот суд, рече дека напаѓачите извикувале дека ќе ги убијат, дека нема каде да одат и оти ќе биде прогласена воена состојба.
– Во прес-центарот на Собранието бевме напаѓани со шипки, со сталаци и други предмети. Некои од луѓето носеа и боксирачи. Тој период, не знам колку траеше, се додека не дојдоа од ЕБР и не не евакуираа во канцеларијата на пратеникот Влатко Ѓорчев, рече Тасевски, одговорајќи на парашање на обвинителката Вилма Русковска.
Тој кажа дека како последица на нападите врз него имал две расекотини на главата, му била изместена вилицата и имал модринки по телото.
На прашање на адвокатот Гоце Ристовски, сведокот рече дека имало десеттина лица со фантомки кои викале дека ќе ги ликвидираат. Адвокатот Звонко Давидовиќ го праша Тасевски, дали внатре видел специјалци, на што тој одговори дека униформирани лица видел надвор од Собранието.
– Во Собранието униформирани лица видов дури кога почнаа да не евакуираат, рече Тасевски.
Претходно, во Судот сведочеа Драган Крстевски од МВР, Владимир Стојков вработен во Собрание на РМ и Агим Нухиу, заменик министер за внатрешни работи, а претпладнето сведочеа и градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш и една новинарка присутна во Собранието за време на случувањата.